Kanyshai Butun
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Русија и Украина во текот на ноќта разменија напади, при што загинаа најмалку четворица, а најмалку 21 лице е повредено, соопштија официјални лица денес, пренесува Анадолу.
Во Украина, Русија го нападна југоисточниот град Запорожје, при што загина едно лице, а петмина беа повредени, меѓу кои и дете, соопшти Михајло Семекин, раководител на регионалната воена администрација, на Телеграм. Тој додаде дека во нападите се погодени станбени области и дека проектилите паднале во близина на установа за воннаставно образование.
Во западниот град Ивано-Франкивск, во ноќниот напад со дронови од типот „Шахед“ загинал еден чувар откако остатоци од беспилотно летало погодиле нестанбена зграда, соопшти градоначалникот Руслан Марцинков на Фејсбук.
Во округот Буча, во Киевската Област, во руски напад се оштетени складишта, при што биле повредени три лица, соопшти Министерството за внатрешни работи. Спасувачите трагаат по жена што можеби останала заробена под урнатините, додаде Министерството.
Украинските воздухопловни сили ја обвинија Русија дека лансирала 136 беспилотни летала, од кои 114 биле неутрализирани.
Во руската Белгородска Област, во нападот врз населбата Разумноје загинал брачен пар и повредени се четири лица, меѓу кои и дете, соопшти регионалниот оперативен штаб. Една куќа била целосно уништена, а на соседен имот е предизвикано оштетувања.
Гувернерот на Калушката Област, Владислав Шапша, соопшти дека девет лица биле повредени во напад врз инфраструктурен објект, пет од нив се хоспитализирани. Тој додаде дека биле оштетени и приватни домови во две општински области.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите системи за противвоздушна одбрана пресретнале и уништиле 505 украински дронови над руските региони, Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, како и над Црното Море и Азовското Море.
Независната проверка на овие тврдења и натаму е отежната поради војната што продолжува.