Muhammed Yasin Güngör
24 Јуни 2026•Ажурирано: 24 Јуни 2026
Американскиот генерал со четири ѕвездички, Крис Донахју, кој раководи со Командата на американската армија за Европа и Африка, ќе замине во предвремена пензија во рамките на сеопфатните реформи и смени во воениот врв, пренесува Анадолу.
Како што објави „Фајненшл тајмс“, Донахју е високоодликуван ветеран од специјалните сили што стекна глобално признание како последен американски војник што го напушти Авганистан за време на повлекувањето во 2021 година.
Како што пренесува Еј-би-си њуз, неговото ненадејно заминување се совпаѓа со планот на Пентагон за намалување на рангот на Европската команда, со што оваа функција се спушта од генерал со четири на генерал со три ѕвездички.
- Реформа на лидерството -
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, остар критичар на повлекувањето од Авганистан во 2021 година, претходно нареди истрага за околностите околу повлекувањето.
Пензионирањето на Донахју е продолжение на 18-месечниот бран смени и отпуштања во воениот врв на САД, во кој претходно беа опфатени и поранешниот претседател на Здружениот генералштаб, генерал Си-Кју Браун, како и началникот на Генералштабот на копнената војска, генерал Ренди Џорџ.
Во рамките на овие кадровски измени, од функциите беа разрешени и други високи воени лидери, меѓу кои првата личност на воената морнарица, адмирал Лиза Франчети и директорот на Агенцијата за национална безбедност, генерал Тимоти Хо.
Генерал-потполковник Кевин Адмирал, командант на Третиот оклопен корпус на копнената војска, се очекува да ја преземе функцијата во јули, објави Еј-би-си њуз.
Пентагон сè уште не даде официјално соопштение.