Јапонија го укина предупредувањето за цунами што беше издадено откако силен земјотрес ја погоди југозападната префектура Кумамото, јавува Анадолу.
Американскиот геолошки институт (УСГС) првично го процени земјотресот на 7,1 степен, но подоцна ја намали магнитудата на 6,8 степени.
Земјотресот се случил на длабочина од 10 километри во 16:27 часот по локално време, на околу 5 километри источно од Уто во Кумамото, соопшти УСГС.
Германската мрежа за сеизмичко следење ГЕОФОН, исто така, првично ја измери јачината на земјотресот на 6,4 степени, а потоа ја ревидираше на 6,8 степени.
Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА) соопшти дека земјотресот имал интензитет од 7 степени – на јапонската скала од 0 до 7 – во најтешко погодените области, пренесе јавниот сервис НХК.
Земјотресот во префектурата во центарот на Кјушу бил со максимален сеизмички интензитет од 7 степени во Уки и Хикава, а над 6 степени во околните области, според Кјодо.
Според новинската агенција Кјодо, земјотресот во префектурата во центарот на Кјушу бил со максимален сеизмички интензитет од 7 степени во градовите Уки и Хикава, а интензитет од 6 степени (повисока скала) во околните области.
Исто така, бил регистриран интензитет од 5 степени (повисока скала) во соседната префектура Кагошима и 5 степени (пониска скала) во префектурите Фукуока и Сага.
JMA предупреди дека се можни силни земјотреси во текот на следната недела, особено во следните два, три дена, вклучително и потреси со сеизмички интензитет до 7 степени.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека поради силниот земјотрес има повредени, прекини во снабдувањето со електрична енергија, пожари, оштетувања на патишта и мостови, како и урнати згради.
Општинскиот медицински центар „Јацуширо Север“ пријави повеќе од 40 повредени лица.
Прекин на електрична енергија имало во околу 48.000 домаќинства во префектурата.
Подоцна, во 17:08 часот, се случил земјотрес со јачина од 5,6 степени, на 16 километри североисточно од Тсунаги, Кумамото, соопшти УСГС.
Според НХК, JMA забележала долго периодично движење на површината во регионот, што претставува вид долготрајно тресење способно да ги ниша високите згради и главно ги погодува луѓето на повисоките катови.
Одделот за управување со катастрофи при Кабинетот на премиерката на Јапонија претходно соопшти дека е издадено предупредување за цунами за морињата Аријаке и Јацуширо, повикувајќи ги жителите веднаш да ги напуштат крајбрежните области.
Подоцна предупредувањето е укинато.
Компанијата „Кјушу Електрик Пауер“ соопшти дека не се пријавени абнормалности во нуклеарната централа „Сендаи“ во префектурата Кагошима или во нуклеарната централа „Генкаи“ во префектурата Сага, пренесе Кјодо.
Железничките услуги за брзи возови „Шинкансен“ и локалните железнички линии, исто така, беа запрени низ целиот регион Кјушу.
Според соопштението објавено на американската платформа за социјални медиуми Х, јапонското Министерство за одбрана навести дека Самоодбранбените сили започнале воздушна извидница и дека приоритет им се операциите за спасување човечки животи.
Пистата на аеродромот во Кумамото е затворена по земјотресот, објави Кјодо.
Делови од автопатот Кјушу се урнаа по земјотресот, укажуваат кадрите на НХК.
Повеќе од 60.000 луѓе добија наредба за евакуација во префектурите Фукуока, Нагасаки и Кумамото, според Кјодо.
Товарен воз излета од шините и се преврте во Кумамото. Единственото лице што било во него, машиновозачот, не е повредено.
Властите во градот Јацуширо пријавија пожари, урнати куќи и пукнати водоводни цевки.
Според НХК, силна експлозија била слушната во трговскиот центар „Аеон Мол Кумамото“ во градот Кашима, при што од зградата се издигнал чад.