Rabia İclal Turan
08 Октомври 2026•Ажурирано: 08 Октомври 2026
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го нарече кандидатот на демократите за Сенатот од сојузната држава Мичиген, Абдул ел-Сајед, „РАДИКАЛЕН екстремист“, истовремено давајќи му поддршка на републиканскиот кандидат за Сенатот, Мајк Роџерс, јавува Анадолу.
„Мухамед ел-Сајед е ужасен кандидат за демократите. Додека неговиот противник, Мајк Роџерс, е исклучително добар, Мухамед нè враќа во времето на џихадот“, напиша Трамп во објавата на својот профил на Трут сосијал.
Тој, исто така, Ел-Сајед го нарече „РАДИКАЛЕН екстремист, симпатизер на терористи и некој што не се разликува од неговиот најдобар пријател, мразец на Америка, Хасан Пикер “, мислејќи на левичарскиот политички стример.
„Вредностите на Мухамед не се оние на жителите на Мичиген ниту, пак, оние на нашите големи Соединети Американски Држави!“, напиша Трамп.
Трамп му ја даде на Роџерс својата „целосна поддршка“, велејќи дека републиканскиот кандидат „никогаш нема да ве разочара“.
Ел-Сајед, лекар и поранешен директор за здравство во округот Вејн, ја освои номинацијата на демократите во август, победувајќи ја пратеничката Хејли Стивенс во тесна трка на прелиминарните избори.
Тој неуспешно се кандидираше за гувернер во 2018 година и ја ужива поддршката на сенаторот Берни Сандерс. Доколку биде избран, тој би бил прв муслиман што ќе служи во Сенатот на САД.
Тој ќе се соочи со Роџерс, поранешен конгресмен, на средномандатните избори на 3 ноември, во трката за местото на демократскиот сенатор Гери Питерс, кој се повлекува од функцијата.
Трамп постојано го напаѓаше Ел-Сајед по неговата победа на прелиминарните избори. Ел-Сајед ги отфрли тие напади, велејќи дека Трамп „повеќе е заинтересиран да го изговара моето име на интересен начин“ отколку да ги решава проблемите на Мичиген и го повика претседателот да се фокусира на својата агенда за намалување на трошоците за живот.
„Го повикувам претседателот да се фокусира на тоа што го зборувам. Сакам да ги тргнам парите од политиката, да ставам пари во вашиот џеб и да го усвојам законот ’Медикер за сите‘, рече Ел-Сајед во интервјуто за Си-ен-ен во август.