Lina Altawell
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Околу 82% од зградите во Појасот Газа се оштетени како резултат на израелскиот геноцид што започна на 8 октомври 2023 година, соопшти денес Палестинската централна агенција за статистика, пренесува Анадолу.
Во соопштението по повод Светскиот ден на живеалиштата, агенцијата наведе дека се оштетени околу 201.290 згради во Газа, што претставува околу 82% од сите згради во енклавата, според податоците заклучно со 16 јуни 2026 година.
Се додава дека 134.422 згради се целосно уништени, на 13.848 се предизвикани тешки оштетувања, а оштетени се и околу 328.627 станбени единици.
Од 8 октомври 2023 година во израелската геноцидна војна во Газа убиени се повеќе од 74.000 Палестинци, а над 175.000 се повредени; исто така, уништени се околу 90% од инфраструктурата на енклавата.
На инфраструктурата за водоснабдување и отпадни води е предизвикано оштетување, при што околу 90% се оштетени или уништени до првата половина на 2026 година, соопшти Агенцијата.
Оттаму наведуваат дека 82% од домаќинствата во Газа се соочуваат со несигурност во снабдувањето со вода, додека околу 70% добиваат само околу шест литри вода по лице дневно.
И покрај прекинот на огнот што е на сила од 10 октомври 2025 година, во израелските напади убиени се 1.445 Палестинци, а 5.072 се повредени, според Министерството за здравство на Газа.
Израел, исто така, продолжува да го ограничува влезот на договорените количества храна, лекови, медицински материјали, материјали за привремено сместување и монтажни куќи во Газа, каде што живеат околу 2,4 милиони Палестинци, од кои 2,15 милиони раселени лица, според податоците на агенцијата. На окупираниот Западен Брег, израелските напади и уривања на домовите се спроведуваат од почетокот на годината, паралелно со зачестените напади од страна на окупаторите, како и одземање земјиште и раселување на населението.
Повикувајќи се на податоци од Комисијата за отпор против колонизацијата и Sидот, агенцијата наведе дека израелските власти спровеле околу 341 операција за уривање во текот на првата половина од 2026 година.
Како резултат на овие операции биле урнати 740 палестински објекти, а израелските власти издале 254 налози за уривање поради немање соодветни дозволи, се наведува во соопштението.
Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, израелската армија и окупаторите ги интензивираа нападите врз Западниот Брег, со убиства, апсења, раселување, уривање домови, рамнење на теренот и незаконско ширење на населбите.