Mariam Ashalem De Andres
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека дијалогот со Соединетите Американски Држави е „во застој“ и дека не постои дефинирана агенда за преговори, негирајќи ги тврдењата дека Куба е на раб на економски колапс, објави бразилскиот весник „Фоља де С. Пауло“, јавува Анадолу.
„Постои желба за дијалог и има претставници од нашата Влада што разговарале со Владата на САД. Но сè уште не е можно да се направи напредок. Нема агенда“, изјави Дијаз-Канел.
Тој рече дека Куба останува подготвена да воспостави канал за дијалог со Вашингтон, но не прифаќа преговори под притисок.
„Не може да има дијалог под притисок. Треба да најдеме канал за дијалог без предуслови“, рече тој.
Дијаз-Канел ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека се обидува економски да ја задуши Куба и да предизвика „социјална експлозија“ што би довела до пад на Кубанската револуција.
Исто така, тој го обвини Вашингтон дека настојува да ги „пресече сите начини за излез“ што ѝ се достапни на Куба, осврнувајќи се на коментарите на американскиот државен секретар Марко Рубио.
Дијаз-Канел ги негираше тврдењата дека земјата е блиску до колапс и покрај недостигот од гориво, електрична енергија, храна и лекови.
„Се наоѓаме во сложена ситуација, но таа е обележана со огромната креативност и историската издржливост на кубанскиот народ“, рече тој.
Дијаз-Канел ги призна проблемите предизвикани од владината бирократија и доцнењата во спроведувањето на реформите, но за економската криза во земјата првенствено ја обвини американската „блокада“.
Економијата на Куба забележа пад од 15 отсто откако Дијаз-Канел ја презеде функцијата, според податоците што ги наведува „Фоља де С. Пауло“. Земјата, исто така, се соочува со продолжени прекини во снабдувањето со електрична енергија и недостиг од гориво во текот на продлабочувањето на кризата.
Дијаз-Канел застана во одбрана на пакетот од 176 економски мерки усвоени од кубанскиот Парламент во јуни, велејќи дека реформите имаат цел да го зајакнат социјалистичкиот економски модел на земјата.
Иако мерките овозможуваат поголем простор за приватниот сектор и странските инвестиции, тој отфрли какви било тврдења дека станува збор за воведување капитализам.
Интервјуто беше објавено во услови на зголемени тензии меѓу Хавана и Вашингтон откако администрацијата на Трамп го засили економскиот притисок врз Куба.
Дијаз-Канел рече дека Хавана ќе продолжи да го брани својот суверенитет, истовремено останувајќи отворена за дијалог со Вашингтон без предуслови.