Faisal Mahmud
11 Септември 2026•Ажурирано: 11 Септември 2026
„Кореан ер“ следната недела ќе почне да нуди бесплатен брз интернет преку сателитската мрежа „Старлинк“ на „Спејс Икс“, станувајќи прва авиокомпанија со целосна услуга во Источна Азија што ја воведува оваа услуга, пренесува Анадолу.
Вај-фај услугата на „Старлинк“ ќе биде лансирана во вторник на четири модернизирани авиони - три „Ербас А350-900“ и еден „Боинг 777-300ER“, објави денес „Кореја хералд“, повикувајќи се на авиокомпанијата.
Авионите, главно, ќе опслужуваат долги релации до Америка, Европа и Југоисточна Азија, како и избрани дестинации на кратки релации.
„Кореан ер“ планира да го инсталира „Старлинк“ во поголем дел од својата флота до крајот на 2027 година. Авионите што чекаат надградба ќе продолжат да ја користат постојната платена вај-фај услуга на авиопревозникот.
Пристапот до „Старлинк“ ќе биде бесплатен во сите класи кабини. „Кореан ер“ соопшти дека сателитскиот систем во ниската Земјина орбита ќе обезбеди брзини блиски до копнените врски, дозволувајќи им на патниците да стримуваат видео и музика, да пребаруваат на интернет, да играат онлајн игри и да користат работни апликации базирани врз облак.
Гласовните и видеоповиците и преносот во живо на социјалните мрежи ќе останат забранети за безбедност и удобност на патниците, а пристапот до небезбедни или нелегални веб-страници ќе биде блокиран.
Воведувањето на услугата доаѓа во време кога „Кореан ерлајнс“ се приближува кон планираното завршување на интеграцијата со „Асиана ерлајнс“ во декември.