Riyaz Khaliq Khaliq
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
Пекинг денес ги демантираше обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина се мешала во изборите во САД, јавува Анадолу.
„Тврдењата на САД се неосновани и имаат цел да ја оцрнат Кина“, изјави портпаролот на кинеското МНР, Лин Џијан, пред новинарите во Пекинг.
Трамп денес изјави дека Кина, почнувајќи од изборниот циклус во 2020 година, дошла до податоци на 220 милиони американски гласачи, оценувајќи го овој инцидент како најголемо компромитирање на изборни податоци во историјата.
Во своето обраќање до нацијата Трамп најави објавување на декласифицирани разузнавачки податоци, за кои тврди дека докажуваат масовно странско мешање и сериозни пропусти во американскиот изборен систем.
Сепак, Лин истакна дека слични обвинувања „долго време се докажани како неосновани“.
„Кина се придржува кон принципот на немешање во внатрешните работи на другите држави. Кина нема интерес да се меша во изборите во САД и никогаш не го направила тоа“, рече тој.
Лин возврати со прашање: „Кој бесрамно се мешаше во внатрешните работи на другите земји, вршеше неселективен надзор врз влади, бизниси и јавноста низ светот во долг временски период и ја компромитираше базата на податоци на граѓаните на други земји во големи размери?“
Подоцна оваа година, во ноември, САД излегуваат на меѓуизбори.
Повикувајќи се на известување на ЦИА, тој изјави дека во средината на 2018 година, за време на неговиот прв мандат, политиката на Комунистичката партија на Кина била да ги „искористи сите домашни и странски елементи“ што му се спротивставуваат, со цел да го намали бројот на гласови што би ги добил на изборите во 2020 година, да го принуди на оставка или да го спречи неговиот реизбор“.