Lina Altawell
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Израелските сили рано утринава извршија рација во бегалскиот камп Каландија и во населеното место Кафр Акаб, северно од окупираниот Ерусалим, воведувајќи строги ограничувања, меѓу кои и забрана за извршување на утринската молитва во џамиите во кампот, соопшти Губернијата на Ерусалим, јавува Анадолу.
Во серија соопштенија доставени до Анадолу, Губернијата наведе дека израелските сили започнале голема воена операција во Каландија и Кафр Акаб.
Според соопштението, на улиците во Кафр Акаб бил воведен полициски час, а во областа биле распоредeни голем број воени возила.
Израелските сили ја спречиле утринската молитва во сите џамии во Каландија и пратиле СМС-пораки до повеќе жители, известувајќи ги за почетокот на голема воена операција во кампот.
Според дописникот на Анадолу, израелските сили го привеле таткото на Лаит ал-Шавани, кој претходно бил убиен, а израелско воено возило прегазило младо момче во близина на кампот.
Засега нема информации за неговата здравствена состојба.
Израелските сили секојдневно спроведуваат рации низ окупираниот Западен Брег, вклучително и во окупираниот Источен Ерусалим.
Палестинците го сметаат Источен Ерусалим за главен град на својата идна држава. Обединетите нации не ја признаваат израелската окупација на градот од 1967 година, ниту неговата анексија во 1980 година.
Нападите на израелската армија и израелските доселеници врз Палестинците и нивниот имот значително се интензивираа низ окупираниот Западен Брег откако Израел ја започна воената офанзива врз Појасот Газа на 8 октомври 2023 година.
Во нападите, исто така, се уриваат домови и други објекти, се палат џамии, се уништува обработливо земјиште, се ограничува пристапот на земјоделците до нивните ниви, има присилно раселување и се прошируваат израелските населби.
Палестинците предупредуваат дека преку вакви акции Израел настојува да создаде услови за формална анексија на Западниот Брег, со што се загрозуваат можностите за воспоставување палестинска држава во согласност со релевантните резолуции на Обединетите нации.