Ayhan Şimşek
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
Апсењето на поранешниор шеф на германската разузнавачка служба откри можно протекување на доверливи документи кон странски разузнавачки служби, што предизвика загриженост кај американските и британските агенции, објави денес весникот „Ди Велт“, пренесува Анадолу.
Август Ханинг, кој ја предводеше Сојузната разузнавачка служба (БНД) од 1998 до 2005 година, беше уапсен вчера под сомнение за шпионажа и велепредавство. Обвинителите тврдат дека во текот на неколку години тој добивал доверливи информации од поранешен колега и ги користел во извештаите и во комуникацијата со контакти од странски разузнавачки служби.
Германски безбедносни извори за „Ди Велт“ изјавија дека дел од доверливите информации со кои располагале двајцата мажи потекнувале од странски партнерски служби. „Тоа значи дека можеби биле компромитирани и британски и американски разузнавачки информации“, објави весникот.
Дента е уапсен и поранешниот шеф на Кабинетот на Ханинг, Манфред Д. Сојузните обвинители наведуваат дека Манфред Д. му предал на Ханинг околу 2.000 документи во периодот од 2010 до 2022 година – од кои голем број биле класифицирани за внатрешна употреба во БНД – во замена за паричен надоместок.
„Ди Велт“ објави дека американските служби, заедно со британската МИ6 и Агенцијата за следење комуникации ГЦХК (GCHQ), проверуваат дали информациите споделени со европските сојузници, па дури и нивните сопствени извори, биле доведени во опасност поради наводното протекување. Германските власти ги предупредиле партнерите за можно компромитирање пред да се извршат апсењата, наведува весникот.
- Судија одреди притвор -
Истражниот судија од Федералниот суд на правдата во Карлсруе денес одреди притвор за Ханинг, со што се спроведе налогот за апсење на 80-годишникот, изјави портпаролката на Федералното обвинителство.
Властите соопштија дека утврдиле оти Ханинг најмалку еднаш ги искористил доверливите информации за да подготви безбедносен извештај во рамките на својата консултантска работа, како и дека комуницирал со претставник на странска разузнавачка служба. Тие не именуваа конкретна земја.
Јавните сервиси ВДР и НДР, заедно со дневниот весник „Зидојче цајтунг“, објавија дека службата со која Ханинг контактирал не била руска, иако документите што наводно ги добил вклучувале материјали за руската армија и други доверливи теми, вклучително и нуклеарната програма на Иран.