Elena Trenchevska Chekovic
24 Јули 2026•Ажурирано: 24 Јули 2026
Собранието на Северна Македонија денес со 67 гласа „за“ и 13 „против“ го избра Зулфикар Зејнула, претседател на Демократската партија на Турците, за нов министер без ресор во Владата, јавува Анадолу.
Претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски, образложувајќи го предлогот, истакна дека изборот на Зејнула е дел од политиката на партнерство, меѓусебна доверба и заедничка одговорност за иднината на државата.
„Токму затоа денес го предлагам Зулфикар Зејнула за министер без ресор. Овој предлог е дел од една поширока политика што ја водиме од самиот почеток - политика на партнерство, меѓусебна доверба и преземање заедничка одговорност за иднината на државата“, посочи Мицкоски.
Новиот министер без ресор во периодот од 2021 до 2024 година ја извршуваше функцијата заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а претходно беше советник во Општина Гостивар и работеше во Правниот сектор на Демократската партија на Турците на Македонија.
За својата работа е добитник на државно одликување за исклучителна пожртвуваност, доделено од Република Турција.
Зејнула е дипломиран криминалист, со завршено високо образование на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ - Битола.
Со неговиот избор се заокружува реконструкцијата на Владата, во рамките на која на 13 јули беа избрани осум нови министри.