Gamze Türkoğlu Oğuz
04 Октомври 2021•Ажурирано: 05 Октомври 2021
АНКАРА
Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан ја добија Нобеловата награда за медицина во 2021 година за откритието „рецептори за температура и допир“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Томас Перлман, претседателот на Нобеловиот комитет, во изјавата дадена во Стокхолм рече дека американскиот физиолог Џулиус и американскиот молекуларен биолог и невролог, Патапутијан, се добитници на годинешната награда за медицина.
Истражувањата на Џулиус и Патапутијан „открија една од мистериите на природата за молекуларната основа за чувство на топлина, студ и механичка сила“, што е „од витално значење за човечката способност да чувствува, да дава значење и да комуницира со внатрешната и надворешната средина“.
Минатата година Нобеловата награда за медицина ја добија Харви Џ. Алтер, Мајкл Хаутон и Чарлс M. Рајс.
Американските виролози Алтер и Рајс и британскиот научник Хаутон беа наградени со Нобелова награда за медицина во 2020 година „за откривање на вирусот на хепатит Ц“.
Нобеловата награда за медицина во 2019 година е доделена на Вилијам Г. Каелин и Грег Л. Семенза од САД и на Питер Џ. Ретклиф од Англија за нивниот придонес во медицинскиот свет во областа на клетките.
- Нобелова награда за медицина
Од 1901 година до денес се доделени 111 нобелови награда за медицина. Од добитниците 12 беа жени.
Најмладиот добитник на Нобеловата награда за медицина е Фредерик Г. Бантинг (32) за откривањето на инсулинот во 1923 година.
Осумдесет и седумгодишниот Пејтон Роус, кој ја доби Нобеловата награда за медицина во 1966 година за пронаоѓање „вируси што предизвикуваат тумор“, влезе во историјата како најстариот научник што ја добил наградата.