Ivana Ramadanova
14 Јуни 2016•Ажурирано: 15 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана Зоран Јолевски во Париз оствари средба со неговиот француски колега, Жан-Ив Ле Дријан и во таа прилика истакна дека интегрирањето на земјите од Западен Балкан во НАТО придонесува за зацврстување на стабилноста и просперитетот на регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за одбрана соопштија дека поголемиот дел од состанокот бил посветен на самитот на НАТО, кој треба да се одржи следниот месец во Варшава.
„Министерството за одбрана продолжува со реформите во Армијата, бидејќи со нив се придонесува за натамошно јакнење на армијата, како гарантор на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, но паралелно и за исполнување на критериумите за членство во НАТО. Македонија ќе продолжи со учеството во НАТО мисијата 'Одлучна поддршка' во Авганистан", истакна Јолевски.
Како што се вели во соопштението на министерството, во текот на состанокот министерот истакнал дека очекува Грција да ги почитува своите обврски од Времената спогодба од 1995 година потпишана во седиштето на Обединетите нации и да овозможи Македонија да добие покана за членство во Алијансата.
Во рамки на посетата на Франција, министерот Јолевски ќе го посети Саемот за одбранбена индустрија кој се одржува во Париз, а потоа ќе отпатува за Полска каде ќе присуствува на најголемата воена вежба „Анаконда 2016“ што се одржува на европскиот континент оваа година, информираат од ресорното министерство.