Şeyma Erkul Dayanç
15 Септември 2026•Ажурирано: 15 Септември 2026
Швајцарскиот Совет на кантони, Горниот дом на Парламентот, го одобри договорот за слободна трговија со блокот Меркосур со 31 глас „за“, седум „против“ и три воздржани, објави швајцарскиот медиум „20 Минутен“, пренесува Анадолу.
Горниот дом, исто така, одобри 517 милиони швајцарски франци (646 милиони долари) поддршка за швајцарските земјоделци, со цел да се ублажи очекуваното влијание на договорот врз домашното земјоделство.
Договорот претходно беше отфрлен од Националниот совет, Долниот дом, за време на летната сесија.
Противниците, меѓу кои се и Социјалдемократската партија и Партијата на зелените, побараа дополнителни мерки за справување со проблемите поврзани со уништувањето на шумите и принудната работа, кои се поврзуваат со овој трговски договор.
Советот на кантони ги отфрли тие мерки, но ја поддржа дополнителната финансиска помош за земјоделците.
Швајцарското здружение на земјоделци првично се спротивстави на компензацијата од 158 милиони швајцарски франци (197 милиони долари) и побара дополнителна поддршка од околу 880 милиони швајцарски франци (1,1 милијарда долари), изразувајќи загриженост поради влијанието на увозот на производи без царина, вклучително и говедско месо и вино од Јужна Америка.
Компромисното решение одобрено од Горниот дом вклучува четири мерки насочени кон одржување на конкурентноста на швајцарското земјоделство.
Зелените се заканија дека ќе иницираат референдум доколку договорот биде одобрен без дополнителни еколошки и социјални мерки.
Се очекува Националниот совет повторно да го разгледа договорот со Меркосур до 23 септември, по одлуката на Советот на кантони.