Посмртните останки на жртвите на геноцидот во Сребреница, положени во десет ковчези, со солзи и молитви беа испратени утринава од Високо, кај Сараево, на пат до нивното последно почивалиште, Меморијалниот центар во Поточари, каде што на 11 јули ќе се изврши колективен погреб, јавува Анадолу.
Пред тргнувањето пред „Градските гробишта“, семејствата на жртвите и граѓаните со читање делови од Куранот, молитви, солзи и положување цвеќе на камионот со ковчезите, прекриени со знамињата на Босна и Херцеговина, им оддадоа почит и ги испратија посмртните останки на жртвите на геноцидот од 1995 година, геноцид во кој единиците под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ, на повеќе локации на подрачјето на Сребреница и околината убија повеќе од осум илјади Бошњаци.
Планирано е колоната кратко да застане во Илијаш и Вогошќа, како и во Сараево, пред зградата на Претседателството на БиХ, Споменикот на убиените деца на Сараево, покрај пазарот Маркале и пред Градското собрание.
Потоа ќе се упати кон Сребреница, каде што е планирано да застане пред Градската џамија, а потоа кон Поточари, каде што ковчезите со посмртните останки на убиените жртви ќе бидат пречекани во попладневните часови.
Осумдесетгодишната Мурса Омеровиќ пристигна од Америка за да ги испрати посмртните останки на жртвите на геноцидот во Сребреница.
„Родум сум од Сребреница, а сега живеам во Америка. Првпат присуствувам на испраќањето ковчези“, кажа таа низ солзи.
Таа го преживеала геноцидот во кој ѝ се убиени сопругот Сулејман и многубројни членови на потесното и поширокото семејство.
„Во геноцидот се убиени маж ми, тројца браќа, четворица братучеди, братучеди од страна на мажот...целото семејство“, раскажа таа.
Таа вели дека денес се наоѓа во Високо за да ги испрати своите блиски луѓе што беа убиени во геноцидот.
„И јас бев таму за време на геноцидот. Сè преживеав. Сопругот ми го зедоа од рака, го одвоија. Го баравме и по години и години го најдовме“, додаде Мурса.
Меѓу присутните е и Хатиџа Семиќ од Високо. Како што кажа, секоја година е тука да ги испрати жртвите на геноцидот во Сребреница.
„Тука сум да ги испратам жртвите на геноцидот. Тука сме за убиените. Секоја година сум тука, положувам цвеќе и ја кажувам молитвата Фатиха“, кажа таа и додаде дека се надева оти „секој ќе дочека да си го пронајде своето дете и конечно да најдат мир“.
Жртвите што годинава ќе бидат погребани биле на возраст од 20 до 56 години. Меѓу нив има и тројца млади луѓе што во моментот на смртта биле во своите дваесетти години и кои дури сега ќе најдат свој конечен мир. Станува збор за невини луѓе што се убиени на подрачјето на Власеница, Зворник, Братунац и Сребреница, а чии посмртни останки се ексхумирани години подоцна од различни масовни гробници.
Посмртните останки на две жртви се пронајдени и ексхумирани уште во 1997 година, а посмртните останки на другите жртви се ексхумирани во периодот од 2001 до 2022 година на локалитетите Каменица, Јеловачка чешма, Будак, Глогова.
Најмладата жртва што годинава ќе биде погребана е Сенад (Заим) Јусиќ, роден 1975 година, кој во моментот на смртта имал само 20 години. Исчезна во јули 1995 година на подрачјето на Братунац, а неговите посмртни останки се ексхумирани во 2022 година на локалитетот Каменичко Брдо.
Најстара жртва е Рамо (Мустафа) Даутовиќ, роден 1939 година. Рамо е роден во Сребреница, исчезна на подрачјето на Зворник, а неговите посмртни останки се ексхумирани во 2001 година по откривањето на масовната гробница Каменица – Чанчари. Конечен мир ќе најде покрај претходно погребаниот брат Јусо.
И оваа годинаконечен мир ќе најде син покрај татко, брат покрај брат, роднина покрај роднина... Нуко Нукиќ ќе биде погребан на гробиштата на кои веќе се погребани неговите четворица братучеди.
Список со имињата на жртвите што ќе бидат погребани на 11 јули на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари:
Во Подриње со проектот за идентификација се наоѓаат посмртни останки на уште десет идентификувани жртви за кои семејствата сè уште не дале согласност за погреб, како и тела на 36 жртви што се официјално идентификувани со ДНК-метод, но семејствата сè уште не пристапиле кон онаа официјална идентификација.
Причината поради која семејствата сè уште не се одлучуваат на официјална идентификација и погреб е главно нецелосноста на скелетите на жртвите што се пронајдени и идентификувани.
Многумина од нив избираат да чекаат отворање на нови гробници, со надеж дека ќе пронајдат барем уште една коска и ќе погребаат поцелосни тела на своите најблиски.
Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина ја продолжува потрагата по 900 жртви на геноцидот, како и по другите жртви чии посмртни останки до денес не се пронајдени, вкупно 7.566.
Припадниците на Војската на Република Српска и нивните помагачи на подрачјето на Сребреница на 11 јули 1995 година убија повеќе од 8.000 бошњачки мажи во низа масовни погубувања.
На гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се погребани 6.765 жртви на геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта по одлука на членовите на семејствата.
За повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница сè уште се трага.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година донесе пресуда во која се констатира дека во јули 1995 година во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на ОН, Војската на Република Српска (ВРС) извршила геноцид.
Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина, како и правосудните органи во Србија и Хрватска досега за геноцид и воени злосторства осудија вкупно 54 лица на 781 година и пет доживотни затворски казни.
На доживотни затворски казни се осудени, меѓу другите, воениот претседател на РС Радован Караџиќ и командант на војската на тој ентитет Ратко Младиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact


