Shpetim Hiseni
24 Септември 2026•Ажурирано: 24 Септември 2026
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во рамките на посетата на Њујорк, оствари повеќе билатерални средби со високи претставници, на кои беа разменети мислења за европската перспектива на земјата, регионалната соработка, безбедноста и актуелните глобални предизвици, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Мицкоски вчера оствари средба со претседателот на Финска, Александар Стуб, со кого разговараше за значењето на мирот, дијалогот и одговорното лидерство, како и за почитувањето на меѓународното право и зајакнувањето на мултилатералната соработка. На средбата беше истакната и важноста од заеднички напори за градење стабилна и безбедна Европа.
Во меѓувреме, во фокусот на билатералната средба со премиерот на Косово, Албин Курти, е унапредувањето на добрососедските односи, продлабочувањето на регионалната соработка, како и заедничките предизвици и можности за развој на двете држави.
Мицкоски оствари билатерална средба и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на која се разменети мислења за европската перспектива на Северна Македонија, продолжувањето на реформските процеси во согласност со европските стандарди, унапредувањето на добрососедските односи и зајакнувањето на регионалната соработка.
Мицкоски се сретна и со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, со која се разгледани актуелните регионални предизвици, можностите за натамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен и безбеден регион.
„Средбите во Њујорк ја потврдуваат определбата на Македонија за активна и конструктивна улога во меѓународната заедница, зајакнување на партнерствата и продлабочување на соработката со европските и регионалните партнери. Македонија останува посветена на реформите, европската интеграција“, се наведува во соопштението на Владата.
Средбите се одржаа на маргините на 81. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Средбите на високо ниво и генералната дебата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН започнаа во вторник и ќе продолжат до 28 септември, според официјалната програма на ОН.